Ракометарите на Тиквеш по херојскиот триумф над Металург пред две кола, вечерва ја забележаа втората победа во новата сезона во Суперлигата. Во последниот натпревар од шестото коло во ракометната елита кавадарчани го надиграа тимот на Прилеп и заслужено со 34-27 впишаа нови бодови на своето конто.
Воедно, ова беше и деби-победа на повратникот на клупата на Тиквеш, Горан Андоновски, кој пред само неколку дена го замени искусниот Магдинчев и својата мисија да го врати тимот на победничките патеки ја започна успешно.
Ако се одземе стартот од натпреварот, во кој се играше борбено и израмнето, во останатиот дел на паркетот во „Јасмин“ доминираа домашните ракометари. Тиквеш со одлична игра во двата правци го контролираше натпреварот, а со тоа и резултатот, за на крај да извојува сигурна победа од седум гола разлика.
Поранешниот македонски репрезентативец Стефан Дрогришки со девет гола беше најпрецизен во домашниот табор, каде одлични беа Трпчевски со седум и Темелковски со пет. Во поразениот тим Милошевски и искусниот Чантурија постигнаа по осум гола.