Кадетската репрезентација на Македонија го освои деветтото место на СП за ракометари до 19 години, кое се одржува во Хрватска. Во последниот натпревар за пласман, во Копривница, нашите млади ракометари ја совладаа Чешка со 28-22 и потврдија дека котираат високо во својата возрасна категорија.
Ракометните надежи предводени од стратегот Раде Стојановиќ во ниеден момент не му дозволија на противникот да дојде до водство, иако и во таква ситуација натпреварот долго време беше тесен и неизвесен. Во првото полувреме имавме обиди да се одлепиме и во два наврата водевме со плус четири, 7-3 и 13-9 во последните пет минути, сепак Чешка намали и на пауза се замина со 13-11.
Македонија го истроши противникот со константна цврстина и агресивност во одбраната и некаде по 45. минута тој почна да греши. Направивме серија од 5-1 и поведовме со 22-18 во 50. минута.
Чесите како да загубија мотивација, па водството се зголемуваше и станадури и убедливо до крајот на дуелот. Македонија ја предводеше средниот бек, кој беше МВП и на дуелот со Австрија, во главната рунда, Мирче Калајџиески, овој пат со неверојатни 12 гола од 14 обиди, осум постигна Давид Димевски, четири Марио Стојановски, а Давид Брестовац запиша 10 одбрани.
Со победи над Грузија, Црна Гора, Австрија, Унгарија и над Чешка, како и со порази само од Данска и од Норвешка, Македонија го освои деветтото место, највисоко од репрезентациите кои не успеаја да стигнат до четвртфиналето.