Еурофарм Пелистер во дебитантскиот настап на Ф4 турнирот во СЕХА лигата го освои бронзениот медал откако во натпреварот за трето место битолчани го победија Нексе со 27-23 (12-13). За македонскиот вицепрвак ова е најголемиот успех во регионалното натпреварување каде првпат настапи меѓу најдобрите четири.

Ова е втор голем успех за пелистерци кои по триумфот на турнирот во Струга носат дома уште еден трофеј, и со мотив и со добра форма ќе го чекаат Супер купот на Македонија против Вардар на 11 септември во Охрид.

Хрватскиот ракометар Кевиќ го отвори резултатот на овој дуел, а со вториот гол ја зацврсти контролата над резултатот. На ракометарите на Еурофарм Пелистер им беа потребни четири минути да ја вратат резултатската неизвесност и да го израмнат резултатот. Нексе имаше играч помалку на теренот по исклучуањето на Бакиќ, а благодарение на одличниот голман Лесјак кој во тој период одбрани „зицер“ и пенал за противникот ја вратија рамнотежата на овој дуел.

Средината на првиот дел им припадна на хрватските ракометари, Лесјак беше одличен на голот, но грешките во нападот на битолчани не им дозволуваа преземемање на водството. Во 15, минута, од пенал линијата Мелиќ го врати водството на својот тим од почетокот на натпреварот, по што следуваше одговор од „зелено-белите“. Лесјак влеваше самодоверба, ракометарите на Нексе не успеваа да го пронајдат патот до мрежата на словенечкиот интернационалец, . На спротивната страна нападите на Еурофарм Пелистер завршуваа успешно преку пивотот Пешевски, продорот на Дејвис кој Хосни од пенал линијата го претвори во гол предност, а во 23. минута младиот Кузмановски ја создаде највисоката предност на Еурофарм Пелистер во првиот дел за 9-7.

Но во последните пет минути од полувремето, битолчани не ја погодија рамката на голот на Радовановиќ. На спротивната страна Милета и Бакиќ беа сигурни, а во самиот финиш на првиот дел Нексе имаше шанса и да ја преземе предноста на овој дуел. Велкаврх со звукот на сирената ги постави конечните 13-12.

Во слично темпо продолжи натпреварот по паузата, Еурофарм Пелистер не го реализираше првиот напад, бргу казни Јелиниќ, но во следните два го израмни резултатот на 14-14. Продолжи добрата игра во одбрана за „зелено-белите“, а грешката во нападот на Нексе, со атрактивен цепелин ја искористи капитенот Радовиќ за да ја врати предноста на својот тим.

Во средина на вториот дел продолжи добрата одбранбена игра на Еурофарм Пелистер, токму во тој период со играч помалку пелистерци дојдоа до највисоката предност на дуелот од „плус три“ за 18-15 (40. минута). Продолжија грешките во нападите на Нексе, затоа и Радовиќ од контра напад ги постави првите четири голови разлика, 21-17 во 44 минута, а во 47 минута Костески ги одведе битолчани на високи пет голови предност (23-18).

Во последните минути од натпреварот Еурпфарм Пелистер само ја задржа предност и ја потврди победата.

Усама Хосни постигна 6 гола за Еурофарм Пелистер, Мирко Радовиќ 5, а Жарко Пешевски 4 гола. Урбан Лесјак имаше вкупно 12 одбранети топки од што четири пенали.
Во тимот на Нексе најефикасен беше Лука Мославац и Марин Јелениќ со по 4 гола.