Фаворитот и македонски првак Вардар 1961 славеше над Бутел (25-24) и откако си ја заврши работата обезбеди место во финалето каде ќе се соочи со најголемиот ривал оваа сезона, Пелистер.
Прашањето околу победникот на ракометното игралиште „Горан Попоски – Бабец“ се реши во последните минути, кога квалитетот на Вардар исплива на површина. Дуелот почна изедначено, се играше гол за гол се до 3-3, кога Гоце Георгиевски врза два гола и донесе предност за Вардар (5-3). Потоа, Моралес погоди и за 7-4, но Бутел не се предаде, па со добра игра и ефикасен напад намали на два негатива до паузата (12-10).
Во вториот дел, во 41. минута, следеше и изедначување кога на семафорот стоеше 14-14, но Вардар на искуство го доби натпреварот до финишот. Откако се одлепија на два гола (19-17), избраниците на Веселин Вујовиќ играа сигурно и константно ја држеа таа разлика. Сепак, во финишот Бутел дојде на еден гол (24-23), Вардар промаши напад, па ривалот казни за 24-24. По тајм-аут на „црвено-црните“, во мрежата погоди Гурбиндо, за конечни 25-24.
Финалето меѓу Вардар и Пелистер, кое е реприза на ланското издание, се игра во недела (21:15 часот). Трофејот го брани екипата од Битола.