Многу интересен дуел одиграа Исланд и Унгарија. Унгарците успеаја да победат иако заостанаа во поголемиот дел од натпреварот.
Одличен натпревар во групата Д одиграа ракометарите на Унгарија и Исланд. Денешниот натпревар беше пресметка на две селекции кои стигнаа до победи во првото коло, па затоа целосниот плен вечерва имаше дополнително значење. И на крајот славеше унгарската репрезентација иако во поголемиот дел од натпреварот бркаше негатива, негатива од шест гола во добар дел од натпреварот.
Избраниците на Чема Родригез беа тие кои го отворија мечот со гол, а не беа во позитива до последните пет минути од натпреварот. Исланѓаните поведоа со 3:1 за неполни две минути, играа брзо, лесно постигнуваа голови и изградија предност од 17:12 до моментот кога заминаа на одмор.
Поголемиот дел од вториот дел ја нудеше истата слика, Исланд делуваше поподготвено, посериозно и психолошки посилно со секој напад, но токму избраниците на Гудмундур Гудмундсон се познати по тоа што често го испуштаат она што е невозможно да се испушти. И токму тоа се случи оваа сабота.
По 25:19 и период на стабилно одржување на лидерството, енергијата во исландскиот тим почнува забрзано да опаѓа, Унгарија со секој напад ја топеше разликата и пропорционално растеше, за на самиот крај брзо да израмнат, да поведат минимално и на крајот да слават со два гола разлика за големо славје по крајот на 60 минути.
Најпрво Роста погоди од седмерец за 28:28, на другата страна на теренот Миклер ја запиша петтата одбрана, а Бодо искористи брз контранапад за прва унгарска предност по споменатата воведна. На две минути до крајот истиот играч ги постави конечните 30:28.
Исландскиот стручен штаб ќе мора да направи повеќе измени во последниот натпревар од првата фаза, бидејќи Елисон денеска забележа максимална минутажа , а не беа далеку Магнусон (59:10) и Гудјонсон (59:26). тоа. Вечерва на паркетот излегоа 11 Исланѓани, од кои двајца со речиси занемарлива минутажа.
Во тие 60 минути поминати во игра, Елисон постигна девет гола од 13 обиди, Магнусон погоди седум пати, додека Густавсон запре девет унгарски обиди кон голот.
На другата страна Миклер имаше поскромен учинок (7), но неговите одбрани дојдоа во клучните моменти. Во дресот на Унгарија најмногу голови постигна Анчин, шест , но со пет промашувања. Бодо погоди три пати, од кои последните два ги донесоа овие два бода.