Елиф Елмас ја игра најдобрата калчо-сезона откако во летото 2019 година дојде во Наполи, иако има многу помала минутажа од лани, па откако даде четири гола во последните шест меча , шансите да биде продаден – не постојат!
Наполи уште сега размислува да го задржи Елмас и по 2025 година кога му истекува актуелниот договор, па се најавува дека наскоро ќе му даде нова понуда со уште подобри услови, зашто на „Диего Марадона“ не сакаат да се откажат од него.
За Елмас летоска беше заинтересиран Милан, за 40 милиони евра но не дојде понуда откако го купија „росонерите“ Шарл Де Кетеларе од белгиски Бриж. Имаше информации дека Клоп, менаџерот на Ливерпул му се јавил на македонскиот репрезентативец во обид да го донесе на „Енфилд роуд“. Но, Лучано Спалети едноставно не сака да чуе за продажба на Елмас, зашто му е посебен „џокер“.
Елмас блесна пред крајот на паузата поради СП, а во 2023 година има два гола во низа за две победи после кои Наполи има огромни плус девет пред Милан, а плус десет пред Јувентус и Интер и со крупни чекори граби кон прво „скудето“ по пауза од 1990 година.
Елмас во летото 2019 година дојде од Фенербахче за 16 милиони евра, а брзо потоа доби нов договор и плата од 1,5 милиони евра годишно до 2025 година.