Полска успеа да победи во третото коло од групата Б на Мундијалот и со тоа да се пласира во второто коло, но таму не пренесува бодови.
Полјаците не импресионираа со ништо во првата фаза од натпреварувањето на Светското првенство на кое се домаќини и на која имаат огромна поддршка од трибините. Можеби само на стартот задоволија во голем дел од средбата со Франција, но подоцна во поразот од Словенија играа целосно разочарувачки, а не се истакнаа ниту во третото коло против Саудиска Арабија.
Се мачеа на тој натпревар, тоа беше дуел на се или ништо во кој се решаваше патникот во втората фаза од натпреварувањето. Саудијците исто како и Полска беа без бодови и се знаеше дека победникот од овој меч ќе продолжи понатаму.
Домашниот тим влезе како фаворит во натпреварот, но Саудиска Арабија не се предаде, иако во еден момент се чинеше дека Полска ја презеде играта и тргна кон победата, но Саудијците не се предадоа.
Успеаа да го намалат резултатот на 22:21, се држеа на гол негатива до крајот кога Полјаците постигнаа два гола и отидоа на плус три.
Така заврши, 27:24 за Полска која не може да биде задоволна од своето издание.
Најдобри за Полска беа Аркадиуш Морито со девет гола и Симон Сичко со осум. За Саудиска Арабија, Абдула Ал Абас постигна пет гола.