Словенецот Лука Дончиќ потврдува дека е еден од најдобрите кошаркари во НБА, откако ноќеска лесно и со многу мајсторски потези дојде до дабл-дабл ефект во триумфот на Далас маверикс против Мајами хит (115-90).

Дончиќ постигна 34 поени и 12 скока, а три асистенции му фалеа за да оствари уште еден трипл-дабл. Тој реализира пет тројки со само три промашувања, доволно „телињата“ да дојдат до скор 25-22 за петто место на Западот.

 

Кајри Ирвинг продолжи да игра перфектно, па со маестрален учинок беше најзаслужен за победата на Бруклин нетс во пресметката со Јута џез (117-106). Фантастичниот плејмејкер средбата ја заврши со 48 поени, што е сезонски рекорд за него, на кои додаде 11 скока и шест асистенции максимално користејќи го просторот поради неиграњето на повредениот Кевин Дурент. Кларксон со 29 поени беше најпрецизен кај „џезерите“. „Мрежичките“ сега се четврти на Истокот со скор 28-17.

 

ЛА Лејкерс стави крај на серијата од 11 победи по ред на Мемфис гризлис и тоа во драматичен меч кој го добија со 122-121. Расел Вестбрук со 29 поени и шест асистенции беше прва виолина кај „езерџиите“, додека гостите ги предводеше Џа Морант со 22 поени и осум асистенции.

 

РЕЗУЛТАТИ: Орландо – Њу Орлеанс 123-110, Атланта – Њујорк 139-124, Кливленд – Голден Стејт 114-120, Денвер – Индијана 134-111, Далас – Мајами 115-90, С. Антонио – ЛА клиперс 126-131, Јута – Бруклин 106-117, ЛА Лејкерс – Мемфис 122-121, Сакраменто – Оклахома 118-113.