Македонската женска фудбалска репрезентација доживеа неочекуван пораз од Луксембург на домашен терен од 2:3 во рамките од квалификациската група за следниот ЕП.
На стадионот Билјанини Извори и покрај домашниот терен и поддршката нашите девојки не успеаа да ја оправдаат улогата на фаворит и загубија заслужено.
Уште од самиот старт противникот покажа дека е дојден да освои бодови, па поведе уште во осмата минута преку Маркес Абреу. Израмнивме преку Гентијана Рочи во 21. минута, и на полувреме се замина со 1:1.
Голем хендикеп беше повредата на нашата најдобра фудбалерка Наташа Андонова која мораше да го напушти дуелот на паузата, па без неа фалеше креативност и течност во играта.
Следуваа двата гола на Кејт Тил во радиус од само пет минути од 62. до 67. минута и тоа беше ударот од кој ние не се опоравивме. Во последните моменти од мечот Николовска намали на 2:3, но немаше повеќе време за да направиме нешто повеќе.
Останавме на досега освоените три бода, на делба на претпоследното место во групата токму со репрезентацијата на Луксембург.