Јувентус со децении е меѓу најдобрите клубови во светот. Торинскиот великан затоа е привлечен за многу Италијанци но и играчи од странство и јасно е дека поканата на Старата дама тешко се одбива .
Името на Винсент Перикард (39), француски фудбалер роден во Камерун, е непознато за огромното мнозинство фудбалски фанови. Накратко, тој е фудбалер кој на почетокот на милениумот го доби прекарот „прв играч од милијарда долари“, поради неговиот голем потенцијал.

Уште како 18-годишник бил „капарисан“ од Старата дама. Тогаш пристигна од Сент Етјен. Стартот беше ветувачки, станваше збор за суперталентиран играч од кој црно-белите имаа големи очекувања.

По неговото пристигнување во Италија, Јувентус му обезбеди обука за италијански јазик. Една вечер тој му испрати порака на професорот, со што беше означен и крајот на неговата кариера во торинскиот гигант, но и во врвниот фудбал.

 

„Јас и моите двајца сонародници учевме италијански јазик со една убава учителка. Една вечер седевме дома и ѝ испратив порака да дојде кај нас на пијачка“.

„Половина час подоцна ми заѕвони телефонот. Се јави Роберто Бетега, потпретседателот на Јувентус. Почна да не навредува, не праша што мислиме кои сме ние  да и праќаме пораки на неговата девојка, но не знаевме дека таа му е девојка“, изјави Перикард.

За две години во Јувентус успеа да собере само два настапи и во двата случаи влезе од клупата. Во летото 2002 година Старата дама прво го испрати на позајмица во Портсмут, а следната година го продаде на англискиот клуб.

Четири години подоцна, во 2007 година, тој заврши во затвор на четири месеци бидејќи лажел дека некој друг го вози неговиот автомобил, кој бил запрен поради пребрзо возење.

Во Англија играше во пониските лиги за голем број клубови. Од фудбалот првпат се прости во 2012 година. Тој се врати во 2015 година за да игра за деветолигашот „Манифилдс“, по што следеше второ и последно збогување.

Едно време во текот на кариерата страдал од депресија поради големи проблеми со повреди, признал дека размислувал и за самоубиство.

„Почнувате да се чувствувате безвредно, почнувате да се чувствувате бескорисно и дека не можете да помогнете на семејството,на клубовите, па се прашував зошто воопшто се мачам? Зошто одам на тренинзи? Значи, пријавите дека сте болни и останете дома. И по некое време почнуваш да размислуваш зошто воопшто се мачам да живеам. Тие мисли ми поминаа низ главата и сфатив дека работите се сериозни“, изјави Перикард.

Затоа и не е чудно што по завршената кариера, но очигледно свесен дека има за што да живее, отвори советувалиште преку кое им помага на странските играчи полесно да се прилагодат на новата средина, да го избегнат стресот, депресијата и осаменоста.