Францускиот гигант Пари Сен Жермен после два кикса се врати на победнички патеки со триумфот од 3-1 над Монпелје. Сега има четири бода повеќе од Марсеј, а Ланс го загуби чекорот со поразот дома со 0-1 од Ница.
Во неверојатно луд натпревар во Монпелје, Мбапе промаши два пенали во десетата минута (првата утка беше повторена), па на одбиена топка и празен гол од три метри, по што се повреди и беше заменет во 21.та минута. После тоа ВАР им поништи голови поради офсајд на Лионел Меси во 35-та и на Ашраф Хакими во 52-та, но домаќинот не успеа да го издржи налетот на парижаните.
Конечно Фабијан Руиз го скрши отпорот на Монпеље во 55-та, Меси го дуплира водството во 72-та на асистенција на првиот стрелец, а Зир-Емери стави точка на победата во 90+2-та минута, откако Монпелје се врати во мечот минута пред крајот на регуларните 90 со голот на Нордин.
Гаетан Лаборде со гол во 57-та минута на Ница ѝ донесе голема победа, за жал на Ланс, па главниот конкурент на ПСЖ за титулата сега падна на трето место после триумфот два часа претходно на Марсеј и тимот од северна Франција сега е на минус пет во однос на лидерот и првак.
Монако со 3-2 го победи Оксер и остана четврти со 41 бод, а Рен беше уште поубедлив со триумфот од 3-0 против Стразбур за петто место со 40 бода. Само Лион не успеа да победи и дома ремизира без голови со Брест.