Монако за десет минути го реши Клермон и дојде уште поблизу до Марсеј и Ланс. Бившиот француски првак Монако ја продолжи одличната серија без пораз во новата година, на гостувањето кај Клермон дојде до победа од 2-0 и со тоа уште поблизу до конкурентите за место во ЛШ, Ланс и Марсеј.
Седми меч по ред Монако не знае за пораз, а го запиша петтиот триумф (13-ти сезонава) со кој кнезовите сега дојдоа до 44 бода, еден зад Ланс и два зад Марсеј. Има натпревар повеќе од ривалите. но го продолжи притисокот врз нив зашто Ланс го чека гостување кај Брест, а Марсеј го игра „аѕурното дерби“ со Ница.
Гиљермо Марипан по само три минути на асистенција на Енрике донесе водство за „кнезовите“, а Бриел Емболо ја дуплираше предноста во 13-та минута на асистенција на Головин, и сѐ потоа беше само рутина за новиот триумф на Монако.
За капацитетот за ЛШ, Монако главниот испит ќе го има идната недела кога ги чека дерби со лидерот и првак ПСЖ а пет дена потоа ги чека и шеснаестфиналето со Баер Леверкузен во Лига Европа.
Клермон го запиша осмиот пораз и остана на 30 бода на 10-то место во Лига 1.