Кварацхелија и Осимен ја здробија Специја за нова победа на Наполи, 18-та сезонава во 21 меч.Лидерот во калчо лигата славеше со убедливи 3-0 за петта победа во низа и сигурен чекор кон првото скудето по 33 години пауза.
Наполи побегна на огромни плус 16 пред најблискиот ривал Интер, кого вечерва го чека градското дерби со Милан, на кое „нераѕурите“ не смее да киксираат зашто и вака се предалеку од лидерот на табелата. Наполитанците сега имаат 56 бода, Интер со меч помалку и Рома се на 40 бода, следат Лацио, Милан и Аталанта по 38 во жестоката битка на пет клуба за местата во ЛШ.
Осимен даде два гола, а Кварацхелија еден со асистенција за Нигериецот. Наполи после мирното прво полувреме, во вториот дел го наполни домаќинот. Сѐ почна со пеналот кој го реализира Грузиецот по две минути во вториот дел, па Осимен во четири минути даде два гола, прво во 69-та, а вториот на асистенција на Квича во 73-та минута.
Нигериецот Осимен веќе дојде до 16 гола и е прв стрелец во Серија А, а Кварацхелија дојде до осум гола и девет асистенции.
Македонскиот репрезентативец Елиф Елмас играше безмалку еден час, откако го замени Полјакот Пјотр Зиелински во 63-та минута при водство на Наполи со 1-0.