Чудесен натпревар се одигра во Лондон на Емирати. Арсенал се врати од два негатива и со погодок на резервистот Нелсон во 97. минута успеа да го победи Борнмут со 3-2. Челси конечно дојде до три бода откако со 1-0 го совлада Лидс.

Кога се чинеше дека Арсенал ќе загуби два бода во дуелот со Борнмут, Нелсон кој влезе во финишот од натпреварот постигна маестрален гол пред последниот судиски свиреж и донесе победа за топчиите од 3-2.

Борнмут имаше водство од 2-0. Поведоа со вториот најбрз гол во историјата на Премиерлигата, Билинг реализираше во 9. секунда за водство. Во 57. минута Сенеси зголеми на 2-0 за гостите.

Пет минути подоцна Парти намали на 1-2 и го врати Арсенал во живот, а Вајт во 70. минута реализираше за 2-2.

Топчиите се мачеа да дојдат до комплетен пресврт, а тоа се случи во самиот финиш. Во 97. минута Нелсон погоди за победа од 3-2.

Грем Потер конечно со Челси дојде до победа, минимална од 1-0 над Лидс. Голот го постигна Весли Фофана по осум минути игра во второто полувреме во 53 мин..

Тотенхем со 1-0 загуби на гостувањето кај Вулверхемптон , стрелец беше Адама Траоре во 82 мин., со истиот резултат Астон Вила го победи Кристал Палас. Убедлив беше Брајтон кој со 4-0 го декласира Вест Хем.