Поранешниот македонски репрезентативец Иван Тричковски после три кикса на лидерот во Кипар, АЕК Ларнака, на брилјантен начин го врати својот тим на победнички колосек. Постигна хет-трик и речиси сам го победи Ензис Паралимни во денешниот натпревар, со 3-1.
Тричковски, кој ја игра осмата сезона во АЕК даде два гола за пет минути, во осмата и 13-та минута и ја најави победата. Енозис на стартот на вториот дел (48 мин.) постигна гол и се врати во натпреварот, но македонскиот интернационалец на 11 минути од пенал го постигна третиот гол за заверка на победата и дојде до хет трик.
Со овие три гола, Тричковски сезонава дојде до девет и има една асистенција, но поради повреди имаше и пауза и не ги играше сите натпревари во оваа сезона.
АЕК со победата се врати на лидерското место, со бод предност пред АПОЕЛ.