Фудбалерите на Баерн се пласираа во четвртфиналето од Лигата на шампионите.
На „Алијанц Арена“ пред околу 75.000 гледачи го победија Пари Сен Жермен со 2:0 (0:0) и така се пласираа со вкупен резултат 3:0.
Французите ветуваа многу пред мечот, но малку покажаа, цврстата одбрана на Баерн имаше решение за Меси и Мбапе кои беа невообичаено тивки, па со такво нешто не можеа ни да се надеваат на пресврт по поразот на домашен терен.
Французите во мечот влегоа без повредениот Нејмар кој нема да игра до крајот на сезоната, а Меси и Килијан Мбапе стартуваа во шпицот.
Кристоф Галтиер се одлучи за тројца во стоперската линија, додека Баерн мечот го започна без Кансело, за кој се шпекулира дека ќе се врати во Манчестер Сити на лето.
Лош пех за гостите беше и повредата на Маркињос, кој поради повреда мораше да биде заменет во 35. минута.
Се очекуваше да биде доста тешко, без многу шанси и навистина така беше во првите 45 минути.
Продорот на Мбапе во втората минута можеше да биде незгоден за Баерн, но Зомер беше на место, па Баварците во 16. минута го упатија првиот удар во рамката од голот.
Леон Горецка се обиде со удар од далечина, по земја, но топката заврши во рацете на Џанлуиџи Донарума.
Мбапе во 19. минута се обиде да пробие од десната страна, за во 25. минута Меси да биде во гужва во шеснаесетникот, но тоа беше добро блокирано.
И Џамал Мусиала се обиде да направи нешто во 32. минута, но на своето место беше Донарума.
А потоа во 38. минута погреши голманот на Баерн Јан Зомер, Хакими му ја одзеде топката и шутираше, а во последен момент Матијас де Лихт со лизгачки старт ја изби топката буквално од гол линијата.
Во продолжение Баерн тргна поконкретно и во 52. минута преку Максим Чупо-Мотинг имаше прилика, но падна меѓу двајца играчи, немаше пенал.
А само една минута подоцна истиот играч постигна гол, но судијата Орсато по консултацијата со ВАР го поништи голот поради офсајд.
Кога не успеаја тогаш, тоа го направија девет минути подоцна.
Голема грешка направи Верати, топката му ја украде играчот на Баерн, Горецка проигра до Чупо-Мотинг, на кој не му беше тешко да ја смести топката во мрежата на ПСЖ за 1:0.
Серхио Рамос имаше шанса во 65. минута да израмни по корнер, но Јан Зомер беше на своето место и го одбрани ударот со глава на шпанскиот стопер.
И конечно во самиот финиш по брз контранапад во 89. минута Баерн го постигна вториот гол.
Серж Гнабри, кој штотуку влезе на теренот, рутински ја испрати топката во мрежата и ја заврши работата.
Баерн: Зомер, Станишиќ, Упамекано, Де Лихт, Дејвис, Горецка, Кимих, Коман (од 87. Гнабри), Милер (од 86. Кансело), Мусиала (од 81. Мане), Чупо-Мотинг (од 69. Сане) .
ПСЖ: Донарума, Данило, Рамос, Маркињос (од 36. Мукиеле, од 46. Бичијабу), Хакими, Витиња (од 81. Екитике), Верати, Руиз (од 76. Заир-Емери), Мендеш (од 81. Бернат) , Меси, Мбапе.