Поранешната бразилска фудбалска ѕвезда Робињо исчезна веднаш откако МВР во Бразил издаде налог за негово апсење. Робињо е осуден на девет години затвор поради силување девојка во Италија во 2013 година.
Судот во Милано минатата година го осуди Робињо на деветгодишна затворска казна, откако тој со неговото друштво биле излезени во еден ноќен клуб, а потоа групата силувала една девојка.
Италијанските власти не може да го пронајдат Робињо затоа што тој беше вратен во Бразил. Италија и Бразил немаат договор за депортација на осудени на затворска казна, па италијанските власти побараа Робињо да биде уапсен во Бразил и таму да ја отслужи затворската казна.
Бразилските власти го прифатија ова барање од Италија и бил издаден налог за негово апсење, но некогашниот фудбалер не бил пронајден на домашната адреса. Полицијата го барала на уште неколку места, но од Робињо засега нема ниту трага ниту глас.
Доколку биде уапсен, Робињо веднаш ќе биде испорачан во бразилскиот затвор каде треба да помине девет години. Робињо важеше за еден од најталентираните бразилски фудбалери, а првите магични фудбалски потези ги покажа во дресот на Сантос. Потоа потпиша за Реал Мадрид, а играше и за Манчестер сити, Милан, кинескиот Гуангжу, Атлетико Минеиро, Сиваспор и Басакшехир. Во дресот на бразилската репрезентација одигра 100 натпревари во кои постигна 28 голови, во периодот од 2003 до 2017 година.