Фаворитите немаа свој ден на денешните натпревари во Премиер лигата. Ливерпул и Манчестер Сити не победија на домашен терен.
Возбудливо беше на „Енфилд“ каде домашниот тим испушти убава предност и на крај освои само бод против Брајтон (2-2). Се чинеше дека работите одат во полза на „црвените“, но гостите покажаа дека се респектабилен противник во продолжението. Џордан Хендерсон со прекрасна завршница отвори по четири минути игра, а потоа Садио Мане донесе нова радост за домашната публика. Меѓутоа пресвртна точка беше реализацијата на Мвепу пред паузата. Тоа како да ги охрабри гостинските фудбалери кои притиснаа и добија награда. Одличната соло акција во реми ја претвори Тросар.
Кристал Палас го шокира Манчестер Сити (0-2) и му го нанесе вториот сезонски пораз. Раната реализација на Заха беше клучна за тимот на Патрик Виеира. Глупост на овој меч направи Ајмерик Лапорт кој заработи директен црвен картон во вториот дел. Тоа донесе проблеми за „граѓаните“, кои израмнија преку Габриел Хесус, но погодокот не важеше поради офсајд позиција. Во финишот Галагер донесе тага на трибините на „Етихад“ и ги потврди трите бода.