Хари Кејн во 96-та минута му обезбеди бод во спектакуларното реми на Тотенхем на „Стемфорд бриџ“ против Челси (2-2) и дојде до 184-от гол во Премиерлигата.
Челси беше само на чекор до победа и во шесте судиски минути надополнување, Менди одбрани по еден корнер, а од вториот Хери Кејн даде гол за реми, откако Челси двапати водеше, но не успеа да дојде до трите бода.
Калиду Кулибали по 19 минути го даде сефте голот за „сините“ откако летово ги засили, Пјер Емили Хојбјерг изедначи во 69-та минута, но само девет минути траеше радоста на Тотенхем, зашто Рис Џејмс донесе второ водство за Челси на 13 минути пред крајот.
Каи Хаверц четири минути пред крајот имаше одлична шанса за да ја запечати победата со трет гол, но неговиот удар заврши крај дирекот и кога сите очекуваа крај и победа, завршниот обид на Тотенхем им донесе бод. Менди прво одбрани по корнер после ударот на Ерик Даер со глава, а од вториот обид по центаршут од аголот, Кејн даде гол и со последниот судиски свиреж обезбеди реми.
Манчестер сити и Арсенал после ова реми останаа единствени со максимален ефект од две победи во воведните две кола.