Група од 42 лица, меѓу кои и самите играчи и нивните семејства, од вчера е во Романија и се очекува денеска да пристигне во Букурешт.
Со помош на Европската фудбалска асоцијација, Мораеш и другите беа однесени од Киев до молдавската граница. Оттаму биле однесени и сместени во базата на молдавската репрезентација во Вадул Луи Вод во близина на Кишињев. Потоа на романската граница ги чекал автобус на романската репрезентација предводен од претседателот на федерацијата.
„Би сакал особено да му се заблагодарам на господинот Чеферин, кој организираше се при нашата последна можна евакуација од Киев. Од петок навечер до сабота ни се јавуваше и ни праќаше пораки, обидувајќи се да најде безбедни патишта за нашиот премин. Господине Чеферин, многу ви благодарам за тоа“, раскажува Мораеш.
Тој вели дека во Украина биле како во филм на ужасот.
„Никогаш не замислував дека ќе доживеам нешто слично на она што го видов во последните четири дена. Како да бевме во хорор филм бидејќи не очекував да живеам во време на војна. Најтешко беше да се остане во една просторија, понекогаш без светлина, обидувајќи се да ги смирите 70-те луѓе внатре. Луѓето ги фати паника, се плашеа, беа под голем стрес. Тоа беа најтешките моменти во мојот живот. Би сакал да им се заблагодарам и на фудбалските федерации на Молдавија, Романија и на Украина, кои исто така работеа заедно за да можеме да се вратиме дома“, раскажува Жуниор Мораеш.
Тој е Бразилец, но има и украинско државјанство. Пред неколку дена, претседателот Володимир Зеленски издаде декрет со кој им забранува на сите мажи со украински пасоши на возраст меѓу 18 и 60 години да ја напуштат земјата бидејќи се предмет на мобилизација.