Пелистер и Вардар одиграа нерешено 2-2 во вечното дерби на Македонија. Во натпревар кој сериозно отскокнуваше од второлигашката конкуренција, со присуство и на двете навивачки групи, Чкембари и Комити, Пелистер по првото полувреме обезбеди предност од 2-0.
Никола Наумоски и Борче Маневски успеаја да ја затресат мрежата на Гачевски во првиот дел.
Но, на Вардар му припадна вториот дел. Симеон Христов намали на 2-1, а Кире Маркоски го израмни резултатот. Вардар имаше шанса и за целосен пресврт, но шутот на Дарко Мицевски заврши во дирекот од голот на Илче Петровски.
Гостивар во искористи ремито на Вардар и со победата над Борец (0-2) повторно го презеде врвот на табелата. Антонио Каланоски во деветтата минута донесе водство, а Вилдан Керим го удвои во 46.минута од дуелот.
Детонит Плачковица и Воска Спорт реми 1-1, Кожуф го совлада Тетекс со 4-1. Охрид славеше против Слога Виница со 2-0, а Арсими со идентичен резултат ја совлада Беласица. Локомотива беше подобра од Каменица Саса со 2-1. Караорман и Беса ремизираа без голови.