Борусија Дортмунд се искачи на лидерското место на табелата во Бундес-лигата и се наоѓа пред освојување на титулата, по победата од 0-3 на гости против Аугсбург. Сега „милионерите“ имаат два бода повеќе од Баерн Минхен и во последното коло дома го пречекуваат Мајнц.
Борусија не си дозволи луксуз да не го искористи подарокот од РБ Лајпциг и вчерашниот триумф на „биковите“ кај Баерн Минхен, па попладнево во Аугсбург со победа го презеде врвот во Бундеслигата и дојде на победа до прв шампионски пехар во Бундеслигата по повеќе од една деценија пауза.
„Милионерите“ имаат сѐ во свои раце, дома против Мајнц ќе им треба триумф за сигурна заверка на шампионскиот трон, а денеска еден час им требаше да го скршат отпорот на противникот кој по 22 минути остана со фудбалер помалку (исклучен Удокаи). Себастијан Але го најави триумфот во 59-та минута, а човекот кој го победи ракот и сезонава се врати на терените, шест минути пред крајот на мечот ја обезбеди победата, која Јулијан Брандт во 90+3-та минута само ја завери со трет гол.
Дортмунд сега има 70 бодови, два повеќе од Баерн и теоретски би бил шампион и да не го победи Мајнц, но само под услов ако Баварците не слават во Келн во последната рунда. Победа на „милионерите“ на свој терен ќе значи нивна прва титула по 2012 година и нивна деветта во историјата.