Најтрофејниот македонски клуб скопски Вардар се врати во Првата лига откако убедливо го победи ФК Скопје на баражот во Кавадарци со 3-0. Стрелец на два гола беше Дарко Размоски, кој го отвори резултатот уште во третата минута, а потоа и во 49.минута од натпреварот.
Работата за Скопје ја отежна Миле Тодоров кој направи глупост во 35.минута, фрли факел од теренот кон трибината на Комити, а судијата Александар Ставрев му покажа директен црвен картон поради неспортско однесување.
Во 60.минута, Дарко Глишиќ погоди од слободен удар и третпат го совлада Андреја Ефремов, па беше јасно дека вардарци по две години повторно се враќаат во македонската фудбалска елита.