Фудбалерите на Алавес и Севиља одиграа нерешено 0:0 во 27. коло од шпанската Примера.
Во првото полувреме Севиља имаше многу поголем посед на топка и привидна теренска иницијатива, но гостите не упатија ниту еден удар во рамките на голот на домаќините.
Единствениот сериозен обид во првото полувреме го имаше домашниот Алавес во 13. минута, Луис Риоха шутираше, но Боно брилијантно одбрани. Токму овој обид беше најинтересен во првите 45 минути.
Севиља поконкретно го започна вториот дел, Окампос имаше добра шанса во 52. минута, но беше за малку непрецизен од непосредна близина. Домашните возвратија десет минути подоцна, овојпат Пере Понс се обиде, но не ја погоди рамката од голот.
Најголемата можност на натпреварот ја видовме во 89. минута, кога дефанзивецот на Севилја Кунде направи одличен пробив по десната страна, упати одличен центаршут, домашниот голман Пачеко реагираше лошо, но ниту еден од гостинските напаѓачи не успеа да стигне до топката и да постигне победнички гол.
Севиља сега заостанува пет бода зад првопласираниот Реал, а има и натпревар повеќе. Алавес е 18-ти со 22 бода и ја продолжува борбата за опстанок во лигата.