На велелепниот стадион во Барселона „Камп ноу“ вчера се одржа финалето на првата Лига на кралевите во мал фудбал, која е во организација на Жерар Пике. На најголемиот стадион во Европа имаше неверојатни 92.522 гледачи, а во еден момент навивачите од трибините почнаа да го скандираат името на Лионел Меси.
Од сите страни ечеше „Меси, Меси, Меси“, како во времето кога легендарниот фудбалер блескаше во дресот на Барселона. Меси, кој повеќе од 20 години беше дел од Барселона, во последниве две сезони е дел од тимот на Пари Сен Жермен.
Договорот на Меси со ПСЖ истекува на крајот од сезоната, а сè погласни се најавите дека Аргентинецот може да се врати во Барселона. Пораката од навивачите на „Камп ноу“ е јасна со скандирањето на нешто што со години беше препознатливо на овој стадион.