Се наближува крајот на регуларната сезона во НБА лигата, и секоја победа е драгоцена , како и синоќешната на Далас на гостувањето во Индијанаполис, со 127-104.
По серија од четири порази, која ги спушти под 10. место на табелата на Западот, Далас Маверикс конечно се врати на победите. Индијана беше решена уште по првото полувреме, кога предноста достигна двоцифрена вредност, а на влезот на последната четвртина веќе се беше јасно, бидејќи водството беше плус 25.
Лука Дончиќ беше најефикасен во победничкиот тим, со 25 поени, на кои додаде и седум скока и шест асистенции. Со овој триумф Далас се изедначи со ЛА Лејкерс, со по 37 победи, но има еден пораз повеќе, па затоа остана на 11. место, веднаш под зоната за плеј-ин.
Србинот Никола Јокиќ продолжи со одличните настапи и ја истакнува кандидатурата за МВП во основната сезона со уште една трипл-дабл партија, 29-та оваа сезона. Овој пат постигна 25 поени, 17 скока и 12 асистенции предводејќи го Денвер до триумф против Филаделфија со 116-111. Во отсуство на Жоел Ембид, Тајрис Макси беше прв стрелец кај поразените со 29 поени.
За истакнување е и успехот на Њу Орлеанс, кој дојде до петтата победа по ред и тоа како гостин кај Портланд, со 90-124. Најдобар поединец на таа средба беше Брендан Инграм со 29 коша.
На останатите натпревари:
ЛА Клиперс – Чикаго 124-112
Минесота – Сакраменто 119-115
Јута – Феникс 103-117
Њујорк – Хјустон 137-115
Детроит – Милвоки 117-126