Лео Меси се враќа дома, се враќа на „Камп Ноу“, а според последните вести тој има договор со Лапорта да заработува од клубот по 10 милиони евра, остатокот од платата би ја заработувал веројатно преку спонзорски договори.
Меси преку „Ла Масија“ во 2004 година почна да игра во Барса, сѐ до 2021 година и стана најдобриот фудбалер во историјата на клубот, но поради финансиските проблеми на Каталонците кои не можеа да го регистрираат замина бесплатно во ПСЖ. Барселона и сега има проблеми со финансиите, па враќањето на Меси е тешко, но не и неизводливо.
„Лео и неговото семејство знаат каква наклонетост имам јас кон нив, бев дел од преговорите кои не завршија добро и до ден денеска ме прогонува тоа што Меси не остана кај нас. Секако дека сакам(е) да се врати, од секој аспект, спортски, финансиски, општествен. И да, контактираме“, рече Хусте.
„Ние секогаш ќе бидеме заљубени во Лео и тој секогаш ќе биде заљубен во овој клуб и во овој град. Јас сум еден од тие кој верува дека судбината е мудра. Има два месеци, а нѐ чека многу работа. Особено спортскиот селектор со Алемани и Кројф, зашто прво мора на Ла Лига и Хавиер Тебас да му го претставиме нашиот план за одржливост, а дури потоа да се стекнат услови за евентуално Лео да се врати“, додава Хусте.
Шпански медиуми објавија дека Меси ја чека Барса, но дека има и план Б во случај да не успее кам-бекот во Каталонија, со едногодишен договор со ПСЖ, а потоа преселба во САД во Интер Мајами на Дејвид Бекам. Договорот на Меси со ПСЖ истекува летово.