Кенет Лофтон јуниор, беше избран за најдобар дебитант во развојната Џи-лига, доби шанса во тимот на Мемфис гризлис. Лофтон блесна во синоќешниот дуел против Оклахома сити (100-115) во која постигна дури 42 поени со 14 скока.
Ова не би било некоја посебна вест, но станува збор за најнескладно градениот кошаркар во НБА, кој често е нарекуван и најдебел во најсилната лига на светот. Причина е фактот што има 130 килограми, со висина од само 198 сантиметри. Телесната тежина му е пречка за посериозна улога во тимот, но и покрај тоа „гризлите“ знаат да го користат на центарската позиција поради огромната сила и вештите раце. Сезонава одигра 24 средби за првиот тим, а ова му беше првпат да биде стартер.
Мечот помеѓу Оклахома и Мемфис ќе се памети и по фактот што домашните средбата ја одиграа со само седум кошаркари, додека гостите со уште помалку – шестмина.