Битолски Пелистер обезбеди фајналфор во СЕХА-лига, откако во Прешов ги одбрани осумте гола предност од Битола. На гости го растури Татран со убедлива победа со 10 разлика (36-26).
Татран имаше 12 загубени топки кои Пелистер ги искористи за контри преку Ненад Костески, па битолчани имаа лесна задача на реваншот. Пелистер имаше плус осум (13-5) до 15-та минута, на четири минути до полувремето разликата отиде на плус 12 (19-7), а на пауза беше десет разлика (20-10).
Во вториот дел, рутински беше одработен натпреварот, па Татран се избори за почесен пораз и намали до осум негатива. Пелистер три минути пред крајот повторно достигна 12 предност (36-24), на крај триумфира со 10 голови разлика.
Ненад Костески постигна 11 гола од кои осум од контра, а Дарко Стевановиќ погоди седумпати. Марко Кизиќ имаше девет интервенции. Кај Татран, Оливер Рабек даде 12 гола, а Вјачеслав Касаткин седум.
Пелистер најверојатно во полуфиналето ќе игра со белградски Партизан, кој има огромни 15 гола предност пред Веспрем, кој на првиот меч играше со младинци, а реваншот е во среда од 18 часот во Унгарија.
Утре Вардар во Нови Сад (16.30 часот) брани 13 гола предност против Војводина за пласман на фајнлфорот, што би било прво учество на завршниот турнир за црвено-црните по две години пауза. Вардар со Веспрем се најтрофејни со по пет освоени трофеи во СЕХА-лигата.