Манчестер сити и Интер имаат капитална предност од првите дуели, и направија чекор кон полуфинале во ЛШ, откако англискиот првак го потопи Баерн Минхен во супердербито на „Итихад“ со 3-0, а „нераѕурите“ го освоија Лисабон и ја победија Бенфика со 2-0.
Францускиот репрезентативен стопер Упемекано со несигурноста, и загубени топки во опасна зона, на Манчестер сити му овозможија да дојде до убедлив триумф, а да не беше голманот Јан Зомер, баварците ќе доживееа тотален дебакл зашто имаше шест одбрани со кои го спасуваше голот.
Шпанецот Родри во 27-та минута со голчиште од 20 метри го отвори мечот, а иако Баварците нешто подобро влегоа во вториот дел, очајниот Упемекано со низа киксови потоа им пресуди на своите колеги. Од една загубена топка, Бернардо Силва на асистенција на Халанд ја дуплираше предноста во 70-та минута во „матот во три потега“, а потоа Халанд додаде трет гол во 77-та после центаршутот и аистенцијата на стоперот Џон Стоунс.
Сити во Минхен оди со џиновска предност и Баерн пред себе ќе има „невозможна мисија“ за да ги надополни овие три гола негатива.
Бенфика прва се закани на мечот со одличен удар на Рафа Силва во 16-та минута после кој Андре Онана бравурозно интервенираше и тоа беше сѐ од Бенфика до крајот. Барела пет минути во вториот даде гол за водство, со глава по фантастичен центаршут на Андреа Бастони, а осум минути пред крајот Лукаку од пенал стави печат на победата и им ја олесни работата на „нераѕурите“ за реваншот, кој како и дербито Сити-Баерн, се игра за осум дена.