Актуелниот шпански првак Реал Мадрид доживеа невидено понижување во Жирона, па загуби со 1-4 и со тоа се предаде седум кола пред крајот од шампионската трка со Барселона која и онака беше безмалку недостижна, а Валентин „Тити“ Кастељанос го одигра мечот на кариерата со – четири гола во мрежата на „кралевите“.
Кастељанос стана првиот фудбалер во новиот милениум кој во Ла Лига му дал четири гола на Реал Мадрид, нешто што не му успеало ни на еден Лионел Меси, а точно после десет години е втор фудбалер по Роберт Левандовски кој му дал четири гола на Реал, а на Полјакот тоа му успеа на 24 април 2013 година во ЛШ во триумф на Борусија Дортмунд со 4-1.
Кастељанос после само 24 минути веќе му даде два гола, прво во 12-та, па во 24-та за водство за Жирона со 2-0, а Винисиус Жуниор во 34-та намали, но само што почна вториот дел, Кастељанос стигна до хет-трик во првата минута од продолжението на натпреварот. Во 62-та минута стрелаше и по четврти пат за историја во неговата кариера.
Кога победникот беше одлучен, Лукас Васкез шест минути пред крајот даде втор гол за мадриѓаните колку да го ублажи шокантниот и тежок пораз на европскиот шампион.
За Жирона ова беше 11-та сезонска победа и со 41 бод сега дојдоа до деветтото место прескокнувајќи ги Рајо Валјекано и Мајорка. Реал со шестиот пораз остана на 65 бода, 11 помалку од Барселона, која утре со победа против Рајо ќе избега на плус 14 и ќе дојде на седум бода од официјализација на шампионската титула.