Кошаркарите на Денвер и Феникс се во полуфинале на плеј-офот на Западната конференција во НБА лигата. Утрово во петтиот натпревар од првата рунда на плеј-офот во Западот, Денвер ја совладаа Минесота со 112:109 и со тоа ја доби серијата од првото коло од плеј-офот против Минесота со 4:1.
Нагетс беа предводени од Џамал Мареј со 35 поени и српскиот центар Никола Јокиќ со трипл-дабл учинок од 28 поени, 17 скока и 12 асистенции.
Во полуфиналето на Западната конференција Денвер ќе игра против Феникс, кој во петтиот натпревар го совлада Лос Анџелес Клиперс со 136:130 и исто така ја доби серијата со 4:1. Санс ги предводеше Девин Букер со 47 поени, од кои 25 постигна во третата четвртина во која неговиот тим постигна 50 поени.
Кевин Дурент постигна 31 поен, Деандре Ајтон имаше 21 поен со 11 скока, а Крис Пол додаде 15 поени.
Кошаркарите на Атланта го победија Бостон со 119:117 и намалија на 2:3 во серијата од првото коло на плеј-офот на Истокот. Треј Јанг постигна 38 поени и решавачка „тројка“ на 2,8 секунди до крајот на мечот. Во тимот на Бостон Џејлен Браун постигна 35 поени со седум скока и пет асистенции.