Лидс и Лестер ремизираа 1-1 во дербито за спас, по кое останаа веднаш над опасната зона во денешното вонредно коло во англиската Премиерлига. Двате екипи повеќе загубија по два бода, одошто едниот кој го освоија им заврши некаква работа во трката за опстанок.
Џејми Варди во 80-та минута го спаси Лестер од пораз, а потоа поради офсајд му беше поништен гол за пресврт и победа на „лисиците“, но Лидс во самата завршница промаши две шанси за победа, откако Синистера погоди по 20 минути за водство.
Лидс со бодот дојде до 30 на 16-то место, Лестер е бод зад него со 29, а прв во опасната зона Евертон е на 28, а претпоследниот Нотингем на 27 и имаат меч помалку од директните ривали.
Вулверхемптон со 2-0 го победи Кристал Палас за трета победа во последните четири меча и уште еден чекор поблизу до опстанокот, па сега со 37 бода се девет над опасната зона со меч повеќе. Андерсен со автогол и Рубен Невеш од пенал пред крајот на натпреварот ја обезбедија победата за „волците“, по која имаат исто бодовно салдо со вечерашниот противник.
Тајрон Мингс со голот во 21-та минута ѝ донесе нов триумф на Астон Вила против Фулам (1-0), петти во последните шест меча без пораз, па бирмингемскиот клуб сега го прескокна Тотенхем и дојде на петтото место со 54 бода, пет зад позициите за ЛШ, но со два меча повеќе од Њукасл, а три од Манчестер јунајтед.