Воска и Гостивар победија, Кировски во 105-та го сруши Пелистер, па Вардар има сигурен бараж. Воска Спорт и Гостивар направија чекор поблизу до влез во Првата лига, со убедливите победи, но Вардар не се предава во трката да се избори за барем второ место. Сепак црвено-црните имаат сигурен бараж откако Пелистер киксираше во Тетово кај Тетекс со поразот со 1-2.

Воска остана на плус шест пред Вардар кој е трет со триумфот со 3-1 против Арсими, победата која беше јасна уште по првиот дел кога охриѓани му дадоа два гола на тимот од Чегране. Гостивар победи против Охрид со 3-0, ама сѐ беше јасно на полувреме кога гостиварци дојдоа до 2-0.

Гостивар вака останува на два бода пред Вардар, кој со пенал во 84-та минута дојде до важна победа во Турново кај Беласица, а стрелец на голот беше Кристијан Николовски. На вардарци им одговара и резултатот од мечот во Тетово, каде Пелистер не успеа да го совлада Тетекс и да го спакува за третолигашка конкуренција.

Долго време Тетекс водеше со 1-0 во многу тензичниот меч кој траеше безмалку два ипол часа, а Пелистер во 89-та израмни, по што 20-на минути се натегаа сите, влетуваа навивачи, се туркаа фудбалерите, судијата не можеше да врзе крај со крај.

И кога мечот продолжи, а дојде 105-та минута, буквално во последните секунди Христијан Кировски даде гол за победа за „штофарите“ и останување во трката за опстанок.

Каменица Саса и Слога Виница победија во своите мечеви, па сѐ освен победа за Тетекс ќе беше почеток на пакување за Трета лига, но успеаа да останат тетовци во живот и во последните три кола да се борат за барем бараж за опстанок.

Пелистер веќе извесно е дека останува второлигаш и во следната сезона, на девет бода е од третиот Вардар и само математички може да стигнат до крајот, со три победи и три порази на Вардар, што е безмалку невозможно да се случи, особено што црвено-црните имаат два меча со Тетекс и Кожув од последните три како и меѓусебното „Ел класико“.

 

ВТОРА ЛИГА, 27. КОЛО

Беласица – Вардар 0-1

Беса – Детонит Плачковица 3-0

Гостивар – Охрид 3-0

Локомотива П. – Караорман 4-1

Каменица Саса – Борец 3-0

Слога Виница – Кожув 2-

Тетекс – Пелистер 2-1

Воска Спорт – Арсими 3-1

ТАБЕЛА: Воска Спорт 68 бода, Гостивар 64, Вардар 62, Пелистер 53, Детонит П. 47, Беса 42, Охрид 37, Арсими 36, Беласица 35, Караорман 34, Кожув 30, Локомотива П. 27, Каменица Саса 24, Тетекс 22, Слога Виница 21, Борец 2.