Актуелниот шампион Голден Стејт вориорс е последниот учесник во конференциското полуфинале во Западната конференција во НБА лига, откако триумфираше во седмиот меч против Сакраменто кингс со 120:100. Воините во полуфиналето ќе играат против ЛА Лејкерс кој го елиминира Мемфис гризлис со 4:2 во победи.
Кралевите силно тргнаа во плејофот и ги добија првите два меча на домашен терен, но шампионот возврати со иста мерка, а згора на тоа го доби и петтиот меч. Кога се очекуваше пласман во конференциското полуфинале, Голден Стејт во шестиот натпревар пред своите гледачи загуби со 99:118, по што одлуката падна вечерва во Сакраменто.
Кога беше најпотребно, Стеф Кари одигра најдобро и стана првиот кошаркар во историјата на НБА лигата кој постигнал 50 поени во одлучувачки седми натпревар.
Ендрју Вигинс постигна 17 поени, Клеј Томпсон 16, додека Кевин Луни царуваше под кошевите со дури 21 скок.
Кај Сакраменто, најпрецизен беше Домантас Сабонис со 22 поени.