Сигурно најдобриот шутер на денешницата, Стеф Кари, ноќеска одново влезе во историјата на НБА во триумфот на Голден стејт вориорс на домашен терен против Денвер нагетс (113-102).

Тој беше најзаслужен за победата на „воините“ со учинок од 34 поени и девет скока, со што ја надмина границата од 20.000 поени во најсилната лига на светот. Кари со тоа стана само 49-иот кошаркар во 75-годишната историја на НБА, кој успеал да влезе во ова елитно друштво. На спротивната страна одличен беше Никола Јокиќ со 23 поени, 12 скока и девет асистенции, но немаше речиси никаква помош од соиграчите.

 

Во вториот меч од синоќешната програма во ова натпреварување, Бруклин нетс полесно од очекувањата ја совлада Филаделфија севентисиксерс (127-100). Огнен пречек во градот на „братската љубов“ имаше Бен Симонс при првото гостување кај доскорешниот тим со кој присилно се раздели, иако не стапна на теренот на оваа средба. Вториот од оваа размена, Џејмс Харден, се посрамоти во дресот на „сиксерси“ со само 11 поени и ужасен шут од поле (3/17).

 

Најзаслужни за триумфот на „мрежичките“, очекувано, беа Кевин Дурент со 25 поени и 14 скока и Кајри Ирвинг со 22 поени и пет асистенции. Џоел Ембид со 27 поени и 12 скока беше најпрецизен кај Филаделфија.