Бескомпромисниот Аријан Адеми, кој го повреди бутниот мускул, се вратил на тренинзите на Динамо Загреб, што е добра вест на две недели до мундијалскиот бараж за Италија, иако сеуште останува да виси неговиот настап.
Според информациите на „Спортске Новости“, Адеми веќе два дена тренира со „модрите“ после повредата на 20 февруари, кога соиграчот Јосип Мишиќ при еден судир го повреди проблематичниот бутен мускул поради кој капитенот на „модрите“ веќе летоска паузираше безмалку месец и пол.
„Адеми, Теофил и Периќ се вратија во тренажен процес, ама останува неизвесно дали ќе играат на „ел кроатико“ (вечното дерби викендов Хајдук – Динамо), ама тоа што е најважно е што овие момци наскоро би можеле на терен, што значи дека Динамо ќе биде посилен за финишот од сезоната. Засега никој не кажува дали ќе бидат спремни или ќе отпаднат за дербито со Хајдук, ама никогаш не се знае, а лекарскиот тим веќе многупати знаел да направи чуда“, пишува „Спортске Новости“.
Враќањето на Адеми во следната недела на теренот, без оглед дали викендов ќе игра или не, е исклучително важно за македонската репрезентација, а настапот во Палермо е многу важен од причина што селекторот Благоја Милевски ги нема Елиф Елмас и Тихомир Костадинов поради суспензија за овој меч, а откако е седнат на клупата, Милевски ниту еднаш ги немаше Барди и Адеми во тимот во мундијалските квалификации.
Адеми не играше во септемврискиот и ноемврискиот циклус поради повреди, а Барди го прескокна октомврискиот исто така поради повреда.
Давид Бабунски е новитетот на составот како офанзивно решение плус кога веќе го нема Елмас за мечот со „аѕурите“, заедно со својот брат Доријан кој повторно добива повик после дебитантскиот во ноември.