Во натпреварите од осминафиналето во Конференциската лига имаше три победи на домаќините, а единствената средба која не заврши така донесе вистински атомски фудбал со неверојатни – осум голови.
Тоа се случи во Ајндховен, каде што ПСВ и Копенхаген одиграа 4-4, во меч во кој гостите постојано беа во водство, еднаш и со два погодоци разлика (3-1), но на крајот мораа да се задоволат со реми.Холанѓаните згора на тоа промашија пенал, а двете екипи имаа уште одлични шанси, па немаше да биде изненадување ако на крајот имаше и двоцифрен број на голови.
На останатите три средби, Бодо Глимт продолжи со одличните партии совладувајќи го АЗ Алкмар (2-1), а идентична предност оствари и Марсеј во првата пресметка со Базел (2-1). Лестер , пак, постигна по еден гол во двете полувремиња против Рен за одлична залиха пред реваншот во Франција.