После резултатската катастрофа, за која својот цех го плати и Марсело Биелса, навивачите по новиот пораз плачат по македонскиот репрезентативец Езџјан Алиоски. Колку и да го критикуваа во четирите години минати во Лидс, Алиоски им беше миленик, ги засмејуваше со лудориите, но го оставаше срцето на терен за тимот, а неговата замена Жуниор Фирпо кој дојде од Барселона не е ни 20 отсто од него. А, требаше да биде подобро решение.
Лидс за Фирпо плати 15 милиони евра, ама навивачите сега плачат по Алиоски и фрлаат дрва и камења по спортскиот сектор за изборот на актуелниот лев бек.
„Не сакавте да му дадете 40.000 фунти неделно на Алиоски, многу биле, а му дадовте 50.000 неделно на Фирпо, па уште и 13 милиони фунти обесштетување. Фантастичен бизнис, нема што“, пишува Макс од Ливерпул.
„Кој генијалец процени дека Фирпо е поробар од Алиоски“, го прашуваат газдата Андреа Рандрицани навивачите на Лидс.
Алиоски остави силен белег во Лидс, најмногу поради својот карактер, а многу англиски навивачи посочуваат дека без оглед и на слабите настапи на македонскиот лев бек, неговиот темперамент знаел да го крене тимот, а неговиот однос во соблекувалната бил дополнителен за атмосферата која очигледно сега ја нема на „Иланд роуд“.
„Алиоски за Фирпо е – Кафу!“, пишуваат други навивачи.
„Како го пуштивме Алиоски за овој кловн“, додава друг навивач.