Роберт Левандовски ја доби наградата за најдобар фудбалер на ФИФА за 2021 година. Оваа награда Полјакот ја доби и минатата година, а годинава славеше со 48 поени, четири повеќе од Лионел Меси и девет повеќе од Мохамед Салах кога беа пребројани сите гласови на капитените на репрезентациите, новинарите, навивачите и тренерите.
Левандовски доби двојно помалце гласови од навивачите од Меси, но победи убедливо во изборот на новинари, тренери и капитени на сите репрезентации на ФИФА.
А како гласаше Левандовски. Го стави Жоргињо на првото место, Меси на второто и Кристијано Роналдо на третото.
Лионел Меси ја шокираше јавноста со својот избор бидејќи не му даде ниту бод на полскиот напаѓач. За Меси најдобар во 2021 година беше Нејмар, зад него Килијан Мбапе, а на третото место го стави Карим Бензема. Поради ова гласање, Аргентинецот се најде на удар на јавноста која го критикуваше на социјалните мрежи.
Од друга страна, Кристијано Роналдо како капитен на Португалија го стави Левандовски на првото место пред Н`Голо Канте и Жоргињо.