Шпанскиот новинар Херард Ромеро, имал сознанија оти Њукасл упатил вербална понуда кон Барселона за ангажирање на бразилскиот крилен напаѓач Рафиња.
Според каналот на „Твич“ на Ромеро, Њукасл понудил 80 милиони евра за откупување на неговите услуги. Барселона соопшти дека Рафиња би го продала само ако налета на некоја гигантска понуда, која би почнала од 90 милиони евра, па нагоре, меѓутоа Ромеро соопшти и нешто друго.
Наводно, за понудата на Њукасл веќе била известена и Ла Лига, односно Барселона веќе ја внела оваа понуда во својот последен финансиски извештај до раководното тело на шпанската лига. Тоа може да значи дека Каталонците веќе сметаат на продажба на Рафиња и дека тие пари ги прикажуваат како дел од нивната толку потребна финансиска рехабилитација.
Од друга страна, Бразилецот, иако имаше бавен старт, се покажа како важно засилување за Чави, особено откако се повреди Усман Дембеле, па досега оствари ефект од 10 гола и 11 асистенции во сите конкуренции. Покрај Њукасл, за Рафиња се заинтересирани и Арсенал и Тотенхем, но прашање е дали би можеле да ја изедначат понудата на тазе богаташот од Премиерлигата.