Уште еден дебакл на Манчестер Јунајтед, откако пред три дена загуби од Манчестер Сити со 0-3, со идентичен резултат и повторно на домашен терен е поразен и од Њукасл, во осминафиналето од Лига купот. Њукасл ја зголеми мизеријата на Јунајтед и го понижи во Карабао Купот.

Да биде дебаклот поголем, противникот не играше со својот најсилен состав, а сепак во ниеден момент неговата победа не беше доведена во прашање. Алмирон, кој не беше стартер, но влезе во игра по пет минути игра поради повредата на Таргет, ги доведе гостите во водство од 1-0, а до полувремето погоди и Хол за убедливо водство на Њукасл. Во 60. минута Вилок стави точка на натпреварот и ја потврди огромната криза во која се наоѓа тимот на Јунајтед.

 

Ова е првпат по 1962 година, тимот од Олд Трафорд да загуби два пати по ред на домашен терен со три разлика. Поразот дополнително го зголемува притисокот врз менаџерот Ерик Тен Хаг и нема да биде изненадување ако тој не го дочека крајот на месецов на клупата на Јунајтед.

Поразот на „ѓаволите“ значи дека Лига купот ќе добие нов освојувач бидејќи бранител на титулата беше токму Јунајтед.