Реал Бетис го освои Билбао и минимално го победи Атлетик во „европската пресметка“ во Ла Лига, а во таа трка остана и Рајо Валјекано со Столе Димитриевски после победата со 2-1 против Валјадолид во вчерашните пресметки од 33-то коло.
Бразилецот Вилијан Жозе со гол во шестата минута на „Сан Мамеш“ донесе голема победа на Бетис над Атлетик, па зелено-белите сега се зацврстија на шестото место со 52 бода, два помалку од Вилјареал кој е петти, но веќе пет пред Жирона и Атлетик, а шест пред Рајо.
Раул де Томас и Камелјо дадоа два гола за Рајо, но Димитриевски еднаш капитулираше и не можеше да запише нова „чиста мрежа“ во триумфот на малиот мадридски клуб, кој е на бод од ривалите во трка за излез во Европа со седмо место, ако Реал Мадрид ја победи Осасуна во Купот на Кралот викендов, иако и актуелната разлика не е недостижна на пет кола до крајот во случај тимот од Памплона да го освои куп-трофејот.