Олимпија од Љубљана е освојувач на Купот на Словенија, откако во неверојатно драматичен натпревар, славеше над Марибор со 2:1 и тоа по продолженија. Средбата имаше неверојатна завршница, како во регуларните 90 минути, така и по дополнителните 30 минути.
Во регуларниот дел, беше 0:0, кога беше досуден пенал за Марибор и тоа во 90+11 минута. Марко Толиќ ја превзема одговорноста да шутира од белата точка, а погодок ќе значеше дека неговиот тим ќе го освои трофејот во Купот.
Толиќ реши да изведе Паненка пенал, но домашниот голман ја прочита неговата намера и остана на средината од голот, па лесно ја одбрани топката. Веднаш по овој одбранет пенал беше отсвирен и крај за регуларниот дел, па мораа да се играат дополнителни 30 минути.
Во овие 30 минути имаше нови големи возбудувања. Олимпија поведе со 1:0 во 103 минута, а Марибор израмни во 113 минута. Се играше судиското надополнување, кога беше досуден пенал за Олимпија и домаќините преку Елшник успеаа да погодат за 2:1 и тоа во 131 минута, односно во 11 минута од судиското надополнување.
На крајот Олимпија се радуваше на трофејот со гол во последните секунди, а Марибор останува да жали затоа што тие прокоцкаа иста таква можност во финишот на регуларните 90 минути.