Македонскиот тенисер Калин Ивановски се пласира меѓу најдобрите четворица на фјучрс турнирот во Куршумлиска Бања во Србија, кој се игра на земјена подлога и е од класата М-25 (25.000 долари награден фонд).
Ивановски победи во два сета, но одигра исклучително тежок меч против Либанецот Хди Хабиб, кој траеше еден час и 44 минути. Во првиот сет и двајцата тенисери освоија по еден брејк, но ниеден не создаде предност, па мораше да решава тајбрејкот. Во него, Хабиб поведе со 5-1, сепак Ивановски направи неверојатен камбек и го освои тајбрекот со 8-6.
Во вториот сет Калин рано се одлепи со 3-1, но го загуби брејкот, за да направи нов, во 12. гејм и да го заклучи мечот со 7-5. Хабиб е 531. на АТП-листата, но следниот противник на Ивановски сигурно ќе биде подобро рангиран од него, само прашање е кој. Дали осмиот носител, Романецот Чезар Крету, 422. на светот или, пак, четвртиот рекет, Украинецот Олександар Овчаренко, кој ја држи 416. позиција на АТП-ранкингот, но уште поважно, тој е партнер на Ивановски во двојки.
Веќе попладнево треба да играат заедно за пласман во финалето во дубл, со Лајал од Естонија и Лок од Зимбабве и тоа со голема фаворитска улога, бидејќи се четврти носители.