Ла Лига која прави многу пречки на Барселона поради огромниот долг на Каталонците од преку една милијарда евра, наводно в петок ќе го одобри физибилити планот на новиот шпански првак и ќе даде писмена гаранција дека Лионел Меси може да се врати во својот бивш клуб.
Барселона веќе еден месец работи на случајот за Меси по две години во ПСЖ да се врати во клубот каде ја стекна најголемата слава и стана најдобриот фудбалер во историјата на Барса, а Жоан Лапорта синоќа после освојувањето на шампионската титула посочи дека „ќе направи сѐ за Меси да се врати дома“.
Според последните информации, Ла Лига во петок ќе го одобри физибилити планот на Барселона околу реструктуирањето на финансиите за новата сезона, план кој е основа за враќањето на Аргентинецот. И Барселона побарала, а наводно и ќе добие, писмена гаранција дека „Меси ќе може да се регистрира“, со цел да го заврши целиот процес во текот на следниот месец.
Оваа ганација е еден вид заштита на Барселона за да се избегне случај како во 2021 година, кога имаше договор за нова соработка со Меси, ама поради долгот не беше возможна регистрацијата и Меси потоа бесплатно замина во ПСЖ.
Веќе од поодамна се потенцира дека Меси сака да се врати во Барса и дека ќе ги чека Каталонците до последен момент за да го реализира трансферот, иако на маса има неверојатна понуда од една милијарда евра за две ипол години во Ал Хилал во Саудиска Арабија.