Манчестер сити вечерва од 21 часот ќе го пречека Реал Мадрид на „Итихад“ во реваншот од полуфиналето во Лигата на шампиони. Пресметката се очекува да биде неизвесна со оглед на тоа дека првата средба заврши нерешено (1-1).
„Граѓаните“ се во неверојатна серија од 22 меча без пораз во сите натпреварувања, а во прилог на Манчестер сити е и податокот дека последниот пораз на „Итихад“ во ЛШ го доживеале во септември 2018 година.
Премиерлигашот имаше одлично „загревање“ пред вечерашниот натпревар, откако го декласира Евертон пред неколку дена и така направи чекор и кон трофејот во Премиерлигата, па избраниците на Пеп Гвардиола се мотивирани да стигнат до уште едно финале.
„Победите ни помагаат да се чувствуваме подобро. Ако го имаме потребниот менталитет, тогаш ќе бидеме во добра позиција да го елиминираме Реал и да се пласираме во финале“, кажа Гвардиола.
Реал Мадрид последниот меч го одигра против Хетафе, а тренерот Карло Анчелоти реши да одмори дел од првотимците за да бидат подготвени за дербито во ЛШ. Добра вест за италијанскиот стратег е и тоа што Едуардо Камавинга е на располагање за вечерашниот меч, откако претходно заработи повреда.
„Нема посебен начин за да се подготвиме за Манчестер сити. Мислам дека сите се чувствуваме одлично и во добра атмосфера ќе го почнеме дуелот. Нема никакви посериозни проблеми околу тимот. Сите фудбалери се здрави и подготвени за борба“, кажа Анчелоти.
Победникот од мечот меѓу Манчестер сити и Реал Мадрид ќе игра во финалето во Истанбул против Интер кој вчера го елиминираше градскиот ривал Милан.