Пред 32 години Црвена Звезда го направи најголемиот успех во југословенскиот клупски фудбал, откако на денешен ден славеше победа во финалето на Купот на европските шампиони во Бари против францускиот гигант, Олимпик Марсеј.
Овој ден 29 мај 1991 година скоро секој фан на Црвена Звезда уште долго ќе го памети, а тогаш не постоеше Македонец кој не беше горд на Илија Најдоски и Дарко Панчев, кои беа дел од таа феноменална генерација на Звезда, предводена од Љупко Петровиќ.
Оваа генерација во тоа време беше страв и трепет во фудбалска Европа, играше екстра-офанзивен фудбал, во нападот го имаше Панчев, кој беше убиствен голгетер, а на историското финале во Бари играа: Стојановиќ, Југовиќ, Маровиќ, Шабанаџовиќ, Бјелодедиќ, Најдоски, Просинечки, Михајловиќ, Панчев, Савичевиќ и Биниќ.
По 120 минути игра голови немаше па победникот мораше да се реши по изведувањето на пеналите, а таму одлучувачкиот пенал го погоди токму нашиот Панчев за огромна радост на целата нација.
Овој историски гол на нашиот напаѓач Панчев, легендарниот коментатор на „РТС“, Милојко Пантиќ го презентира со зборовите: „Дарко, Дарко, Даркооо, „Златната копачка“ на Црвена Звезда денес го позлати нашиот црвено-бел тим“