Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ се пласира во осминафиналето на Ролан Гарос, откако со 3:0 во сетови го победи Алехандро Давидович Фокина од Шпанија, Иако резултатот е 3:0, на теренот Србинот се намачи за да победи и на крајот му беа потребни повеќе од три и пол часа игра за да стигне до триумф.
Маратонски беа првите два сета и двата траеја исто време, по 1 час и 25 минути, а на крајот Ѓоковиќ ги добиваше во тајбрејк со 7:6.
Во првиот сет, Давидович Фокина водеше со 6:5 и сервираше за сет, но Новак се врати, стигна до 6:6, а потоа во тајбрејкот беше подобар со 7:4. Пред крајот на првиот сет, Ѓоковиќ во еден момент беше толку нервозен што на глас почна да пцуе.
Во вториот сет Фокина поведе со 2:0, потоа Ѓоковиќ направи пресврт за 3:2 и потоа следуваше голема борба за 6:6 и нов тајбрејк. При водство од 6:5, Давидович Фокина имаше и сет топка, но не ја искористи, а потоа во тајбрејкот, Србинот беше подобар со 7:5. По освојување на вториот сет, Ѓоковиќ се израдува како да го добил мечот, а тоа наиде на негодување кај дел до публиката, која почна да му свири.
Во третиот сет, Ѓоковиќ конечно полесно го скрши отпорот на противникот. Фаворитот поведе со 3:0, а потоа рутински стигна и до 6:2 и победа.