Аргентинскиот фудбалски репрезентативец Хулијан Алварес е перфекција од фудбалер, барем кога се работи во обидот да стигне до некој трофеј. Алварес синоќа го подигна трофејот во Лигата на шампиони, откако Манчестер сити со 1:0 го совлада милански Интер. Тоа беше трофеј во 10 различни натпреварувања за 23-годишниот фудбалер.
Профи кариерата на Алварес започна во 2018 година и тоа како играч на Ривер плејт. Во дресот на аргентинскиот гигант, напаѓачот освои пет трофеи во пет различни натпреварувања. Во 2021 година беше шампион во аргентинското првенство, а ги освојуваше и Купот на Аргентина (2019), Суперкупот на Аргентина (2019), Копа Либертадорес (2018) и Трофејот на шампиони (2021).
Со Манчестер сити, Алварес во првата сезона стигна до три пехари. Стана шампион во Премиер лигата, го освои ФА Купот, а триумфираше и во Лигата на шампиони.
Како дел од репрезентацијата на Аргентина, Алварес уште во првите обиди стигна до двата најважни трофеи. Во 2021 година се радуваше на пехарот во Копа Америка, а пред неколку месеци со Гаучосите стигна и до титулата на Светското првенство во Катар. Успеси на младиот Аргентинец за незаборав какви ретко кој досега постигнал.